Шекеринска: На седница на Владата ќе се дискутира за вакцините преку Ковакс механизмот
16.03.2021
На седница на Владата денеска се очекува да се дискутира за прашања поврзани со вакцините преку КОВАКС механизмот. Тоа вчера го најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
– Знам уште од претходно дека сите услови кои се побаруваа во делот на КОВАКС механизмот како држава одамна ги исполнивме. Уште во самиот почеток на овие подетални разговори околу користење на механизмот бевме посочени како држава која ги исполнува условите, изјави вчера министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Од ГАВИ, Алијансата за вакцини, задолжена за КОВАКС механизмот вчера не одговорија прецизно дали Република Северна Македонија ги исполнува условите за да добие вакцини. Оттаму нагласуваат дека е во контакт со сите учесници во КОВАКС за дистрибуцијата на вакцини, но без повеќе детали за процесот во однос на нашата држава.
– За дозите да можат да се испорачаат до учесниците на програмата преку оваа прва рунда на испорака, повеќе критични делови мора да бидат присутни, вклучително потврда на националните регулаторни критериуми за авторизација поврзани за испораката на вакцини, договори за обесштетување (за сите учесници со секој производител), национални планови за вакцинација како и логистички фактори како лиценци за извоз и увоз, велат за МИА од ГАВИ.
ГАВИ, Алијансата за вакцини, која е задолжена за програмата Ковакс преку која се испраќаат вакцини на земји со среден или низок приход, вчера рекоа дека владите се информирани за првата рунда дистрибуција за тоа на кој датум ќе ги добијат дозите, а роковите би требало наскоро да бидат јавно соопштени.