Предлог-законот за лична карта пред Комисијата за политички систем
16.03.2021
Денеска на дневен ред на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ќе биде ставен предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лична карта.
Со Законот за употреба на јазиците, се потенцира, јасно се дефинирани јазиците кои се службени на територијата на Република Северна Македонија и пропишано е дека на целата територија на Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Дополнително, согласно наведениот закон и друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните.
Според Предлогот, во однос на другите припадници на заедниците кои живеат на територијатата на Република Северна Македонија (Срби, Власи, Турци, Роми, Босанци), а се помалку од 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија, со донесувањето на новиот Закон за употреба на јазиците се пропишува дека образецот на личната карта ќе им се издава и на јазикот и писмото кој го употребуваат тие граѓани, а исто така им се остава и можноста на нивно лично барање податоците за личното име кои се впишуваат во личната карта да бидат напишани и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.
Предлог законот содржи преодна одредба која предвидува дека патните исправи кои го содржат натписот „Република Македонија” издадени до денот на отпочнување на примената на овој закон, ќе важат до рокот на важење кој е наведен во патната исправа, но не подолго од 12 февруари 2024 година. Предложената измена е во насока на усогласување на законот со рокот предвиден во член 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија односно пет години од стапувањето во сила на уставните измени. Законот, според предлогот, треба да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник “, а ќе почне да се применува од 1 јули 2021 година