МОН: Во тек е повикот за субвенциониран студентски оброк

Објавено на 11 август, 2021 во 10:10

Министерството за образование и наука потсетува дека во тек е јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, што подразбира добивање на месечен паричен надоместок од 2400 денари за 9 месеци во годината.

Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 31 август 2021 година. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 31 октомври 2021 година.

Аплицирањето се спроведува електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, а на повикот можат да се пријават сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Северна Македонија. Притоа, апликантите треба да ги исполнуваат и следните услови:

-да не се во редовен работен однос;

-да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и

-да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

При поднесувањето на апликацијата, студентите задолжително пополнети и потпишани ги прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк, а воедно упатуваме апел да го погледнат и документот – Насоки за внесување на трансакциска сметка при пријавување за субвенциониран студентски оброк.

МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите.

Финансиската поддршка во износ од 120 денари за секој работен ден во месецот, освен за државни, верски празници и неработни денови, не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 14 септември.

Според пресметките, со ова системско решение кое е дел од програмата за работа на Владата и на МОН и со кое значително се унапредува студентскиот стандард, ќе бидат опфатени 40.000 студенти, за што, на годишно ниво се обезбедени околу 15 милиони евра. Студентите ќе можат средствата да ги користат за купување на добра и услуги кај сите трговци.

На следниот линк можат да се најдат одговори на сите најчесто поставувани прашања за време на досегашниот период на аплицирање.

Дополнително, МОН обезбедува и непосредна поддршка за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, преку Секторот за ученички и студентски стандард и тоа на следните контакти: 075 276 310 Ќенан Сали ([email protected]), 076 485 023 Џемиле Ламалари ([email protected]) или 070 622 853 Неше Мустафа ([email protected]) или преку наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.