Поповски: Следува период на значително потопло и променливо време, со температура до 26 степени

„Под влијание на продор на значително потопол воздух од југозапад, во Македонија, следува период на значително потопло и променливо време со температури кои ќе бидат над просекот за овој период од годината.
Особено високи температури за овој период од годината очекувам во периодот од 24 до 27 октомври кога максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 19 до 26 степени. И во Скопје и околината температурата во погоре споменатиот период ќе надминува 20 степени.
Како што кажав и претходно, времето ќе биде многу променливо со повремен локален дожд а ќе дува и слаб до умерен ветер од јужен правец. И во Скопје и околината ќе има услови за повремен локален слаб дожд а ќе дува и слаб до умерен ветер од јужен правец.
Поради ваквите нагли временски промени ќе имаме и значително неповолни биометеоролошки услови па така наглите температурни промени особено негативно ќе се одразат кај метеопатите кај кои е можна појава на позначителни здравствени проблеми. Поради ова апелирам метеопатите да ги слушаат советите на својот лекар.
Следните утра ќе почувствуваме дека и минималните температури се повисоки, односно и наутро ќе биде потопло,“соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


