Претседателски избори на 24 април, парламентарни на 8 мај
Претседателските избори во земјава ќе бидат одржани на 24 април, а евентуалниот втор круг ќе биде на 8 мај, заедно со парламентарните избори. Претседателот на Собранието Јован Митрески вчера ги распиша седмите претседателски и 11-те парламентарни избори, кои годинава се одржуваат во редовниот термин.
-Верувам дека во изборниот период што претстои, сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес, на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, држава која го оди патот кон полноправно членство во Европската Унија, порача Митрески по распишувањето на изборите.
Македонија, во последните изборни процеси, нагласи Митрески, покажа дека има капацитет да организира демократски избори, во согласност со европските вредности и принципи.
– Како држава воспоставивме стандарди кои мора само да ги унапредуваме и надградуваме и во никој случај не смееме да дозволиме да се вратиме назад. Гласањето на избори, односно можноста граѓаните преку гласачкото ливче да го искажат сопствениот став, е врвен чин на демократијата. Тоа е можност граѓаните со својот глас да ја определат својата иднина. Убеден сум дека и на овие избори граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе изберат иднина каква што посакуваме и каква што нашата држава заслужува, истакна претседателот на Собранието.
Дума.мк