Република Северна Македонија и Република Филипини воспоставија дипломатски односи
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи и неговиот хомолог од Република Филипини, Теодоро Л. Локсин, потпишаа Заедничко комунике за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји.
-Ваквиот чекор ги потврдува заложбите на Република Северна Македонија за градење пријателски односи и воспоставување партнерства и со географски оддалечени земји. Отворањето на ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји нуди дополнителни можности за промоција на економските и трговските врски, како и зајакнување на досегашната успешна соработка на мултилатерално ниво – истакна министерот Османи.
Чинот на официјализирање на пријателството меѓу Република Северна Македонија и Република Филипини, што се реализираше на 76-тото заседание на Генералното Собрание на Обединетите нации, во Њујорк, претставува солидна основа за унапредување на дијалогот на сите нивоа, како и за градење на договорната рамка и развој на соработката во голем број области како културата, образованието, здравството и туризмот.
Република Филипини е 181 земја со која Република Северна Македонија има воспоставено дипломатски односи.