Курц: Австрија и Данска веќе нема да се потпираат на ЕУ за вакцините
02.03.2021
Австрија и Данска во иднина нема да се потпираат на ЕУ и ќе работат заедно со Израел на вакцина против коронавирусот, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Пред да замине за Израел, Курц објави промена на курсот во стратегијата за борба против вирусот.
– Во иднина веќе нема да се потпираме на ЕУ и заедно со Израел ќе произведуваме вакцини од втора генерација против натамошни варијанти на вирусот во следните години и заеднички ќе ги истражуваме можностите за лекување, нагласи тој.
Во писмената изјава за агенцијата АПА, Курц истакна дека само на Австрија и се потребни 30 милиони дози вакцини.
Тој посочи дека пристапот преку ЕУ во основа бил правилен, но дека Европската агенција за лекови е премногу бавна во одобрувањето на вакцините и дека доаѓа до проблеми со испораката.
– Ние мора да се подготвиме за понатамошни мутации и повеќе не треба да зависиме само од ЕУ во производството на вакцини од втора генерација, нагласи Курц.
Експертите веруваат дека во наредните години две третини од населението ќе треба да се вакцинира еднаш годишно.
Курц патува во Израел заедно со неговиот дански колега Мет Фредериксен, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека ќе разговара со нив за соработка во производството на вакцини.