Турнеа на Ансамбл „Керамичар“ во Бугарија заедно со маестро Благој Ламњов
После двегодишна пауза играорците од Ансамбл „Керамичар“ утревечер заминуваат на турнеа во Република Бугарија. Заедно со фолкористите, македонските народни песни и ора љубителите на фолклорот во Бугарија во неколку градови ќе ги уживаат и преку музицирањето на виртуозот Благој Ламњов. Играорците на Ансамбл „Керамичар“ ќе ја прикажат македонската култура и традиција преку 30 минутен концерт со четири кореографии.
Поради пандемијата предизвикана од ковид-19, сите играорци заедно со своите кореографи денеска направија PCR тестови со цел да бидат побезбедни и полесно да поминат на граничните премини.
-Работевме во услови на пандемија на ковид-19 и добивме покана да бидеме дел од еден голем фестивал во Република Бугарија и ќе настапиме во неколку градови на Црното Море. Бидејќи патуваме во време на пандемија ние како ансамбал се организиравме да направиме PCR тестови за сите играорци кои се над 14 години како и за нас возрасните, со цел да бидеме безбедни и на граница да поминеме без проблеми. На оваа турнеа ќе патуваат околу 40 деца од две возрасни категории, исто така на оваа турнеа ќе бидат и играорци од ансамбал од Чашка бидејќи заедно имаме програма којашто трае околу половина час и со којашто верувам дека добро ќе ја претставиме нашата држава, рече Томе Јаневски, претседател на Ансамбл „Керамичар“.
Своето задоволство да биде дел од оваа турнеа не го скри ни Благој Ламњов којшто порача сите млади родители да ги запишуваат децата на играорна, во музичко училиште или на спортски активности, бидејќи преку тие институции се креира поздрава и попитома иднина во нашиот град.
-Јас сум израснат во овие традиционални културно уметнички друштва во Велес и без разлика каде и да патувам во светот и што и да свирам, сепак тука кога ќе си дојдам се осеќам како дел од овие аматерски друштва и не барам никакви привилегии. Овој младински парк и оваа барака на Керамичар, не може ниту една палата во светот да ми ги замени, додаде Ламњов.
Играорците на Ансамбал „Керамичар“ после оваа турнеа ќе имаат мал одмор, до први септември, потоа продолжуваат со проби со цел да се спремат за големиот концерт по повод 67 години од основањето на Ансамбл „Керамичар“ којшто треба да се одржи на 11 септември и на кој ќе настанат и гости од соседна Србија.
Стефани Манева