Работниците на „Актор“ од утре штрајкуваат
Изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица се одвива со намалено темпо откако стотина градежни работници, ангажирани од грчката компанија „Актор“, од денеска ги бојкотираат редовните активности. Револтирани се што два месеца немаат земено плата иако им било ветено дека парите ќе ги добијат пред велигденските празници. Најавуваат дека од утре започнуваат со штрајк, кој веќе го најавиле во полиција, јави Телма.
– Ќе ги блокираме тука на капијата, ниеден џип да не може да испадне од Демир Капија базата што му е, да не можат да функционираат додека не ни дадат пари. Не гарантираат, не обеќаат, демек фактички од Владата кај нас немало пари пуштено. Они со тоа се вадат. Фактички овој пат Европа го финансира. Нив парите им се дадени сто посто, а плус ние не работиме за Владата, работиме за Актор. Значи, Актор нас ни е должен пари, не ни е Владата, вели Костадин Ристов, работник во „Актор“
Од претставништвото на „Актор“ во Скопје не сакаа да го коментираат случајот. Ниту од Министерството за транспорт и врски не добивме одговор дали државата навреме ги подмирува обврските кон „Актор“. Работниците, меѓу другото, се жалат и дека градежната компанија нема ист аршин кон македонските и кон грчките работници.
– На Грците во кеш им даваат пари, во плико, а со нас се манипулира, со македонските работници.
Името на „Актор“ стана актуелно во македонските медиуми пред две години кога опозициската СДСМ обвини дека од македонски банкарски сметки на грчката фирма незаконски биле извлечени 3,5 милиони евра. Јавното обвинителство тогаш не отвори истрага, но најави дека постапката на прибирање докази ќе продолжи.
Грчката градежна фирма во 2012 година го доби тендерот за изградба на 28-километарската делница, иако нејзината понуда од вкупно 270 милиони евра не беше најниска.
Извор: Телма