За два месеца во Македонија инвестираа осум нови, во најава уште 30 компании
Со нула потрошени пари, во Македонија за два месеца има осум нови инвестиции со над 75 милиони евра, апро потрошените 225 милиони евра со само 23 инвестиции за седум години на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова вчера на прес-конференција го истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и најави дека за сокоро време ќе има уште 30 нови договори за странски инвестиции.
Договори се потпишани со компаниите „Мурат виринг системс“ за инвестиција од 4,5 милиони евра со 300 вработени, „Џемдаш лајтинг Еуропа“ кој ќе инвестира четири милиони евра и ќе вработи 200 лица, „Кеслер“ два милиони евра со 80 лица, „Доган отомотив“ ќе вложи еден милион евра во кпацитет во кој ќе работат 30 лица, „Саген“ со инвестиција од 20 милиони евра и 250 вработувања, „Чагатај кабло“ шест милиони и 300 вработени, „ВИК“ исто така шест милиони евра со 60 вработени и „Костал“ кој ќе ги прошири своите капацитет со инвестиција од 30 милиони евра во која ќе вработи нови 350 лица.
Шест од странските компании кои се веќе присутни во земјава најавиле удвојување на своите капацитети по препознавањето на можностите што ги нуди Програмата за економски раст.
Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека од вчера на ЕНЕР е ставен законот за финансиска поддршка на инвестициите, а Анѓушев нагласи дека очекува до крајот на март тој да биде донесен, по што ќе биде и официјализирана Програмата за економски раст.
За поддршка на компаниите согласно Планот за економски раст од Буџетот за 2018, Бектеши рече дека ќе бидат издвоени 50 милиони евра и дека тоа го покажале и симулациите што ги правеле кога ја носеле Програмата.
Директорот на ТИРЗ Скопје 1 Александар Младеновски рече дека Фармацевтската компанија „Саген“ со седиште во Тирана ќе инвестира повеќе од 20 милиони евра во капацитет во ТИРЗ Скопје 1 во кој планира да вработи околу 300 лица, а инвестицијата ќе биде поделена во три фази. Изведбата на производствениот капацитет ќе започне во јуни годинава.
– Разговараме и со други заинтересирани инвеститори и во следниов период очекуваме нови договори за закуп на земјиште во ТИРЗ-овите со компании од автомоблиската индустрија, но и со производители за медицинска намена и други, рече Младеновски и додаде дека наскоро ќе се презенитраат и договорите за проширување на капацитетите на веќе постојни инвеститори во ТИРЗ-овите.
Од постојните компании во ТИРЗ-овите само три од 23 нема да добијат повеќе средства со Програмата за економски раст, а тоа се компании на кои им било дозволено да не плаќаат социјално и здравствено осигурување за вработените. Кај сите останати компании државната помош ќе биде поголема од претходно.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера обвини дека имало нула странски инвестиции и дека освен празни зборови на прес конференцијата на Анѓушев и Бектеши јавноста не слушнала дека отпочнала со работа макар една компанија која што тие ја довеле да инвестира во Република Македонија.