Комисијата за заразни болести ќе ги разгледува новите мерки во петок
Минатата недела Mинистерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека доколку се задржи трендот на намалување на бројот на новозаразени тогаш ќе има можност за олабавување на мерките.
Дали ќе има можност после повеќе од една година, да се дозволи организирање на свадби веќе од први јуни ќе се знае по 15 мај.
Угостителите се надеваат дека наскоро ќе почнат да работат без ограничувања. Дека ќе можат да организираат и поголеми прослави според строго утврдени протоколи.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, рече дека актуелните протоколи за работа на угостителските објекти важат до 15 мај. Потоа, како што нагласи, согласно препораките на Комисијата за здравство, ќе се знае што понатаму.
„Во овој момент очите се свртени кон Комисијата за здравство. Тоа ни е единствената точка според која ги носиме економските одлуки. Со последната одлука на Владата им дозволивме на угостителските објекти кои се категоризирани за организирање настани да работат под истите услови како што работат и сите други угостителски објекти. Да работат на отворени тераси и според протоколите. Вчера зборувавме за евентуално дополнително прилагодување на протоколите за работа на оваа категорија на угостители“, рече Битиќи.
Последниот збор за ова прашање ќе го има Комисијата за заразни болести на 15 мај.