Лукаревска: Поборник сум да се зголеми повратот на ДДВ од 1800 на 2400 денари
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска смета дека мерката „Мој ДДВ“ треба и понатаму да се унапредува и посочи дека е најголем поборник да се зголеми прагот на повратот на ДДВ.
Според Лукаревска, дури и два отсто да успеале да ја намалат сивата економија преку оваа мерка, успехот е одличен.
– Во повеќе наврати имаме телефонски јавувања, анонимни пријави дека не се издаваат фискални сметки. Некој пат и јавно се објавуваат на социјалните мрежи. Макар и два отсто ние да сме успеале да го намалиме процентот на сивата економија преку оваа мерка, успехот е одличен, рече Лукаревска во гостувањето во емисијата „Жешко политичко лето” на телевизијата Канал 5.
Прашана дали ќе се реализираат најавите за тоа дека поврат што го добиваат граѓаните од 1800 денари, ќе се зголеми на 2400, Лукаревска посочи дека сѐ што било ветувано во предизборието ќе се реализира и оти е најголем поборник да се зголеми овој лимит.
– Мислам дека понатаму ќе треба оваа мерка да се унапредува. Во однос на зголемувањето на тој праг од 1800 на 2400 денари, секако дека самата пандемија ги измести сите исчекувања, но сѐ она што било ветувано во предизборието, секако дека ќе биде реализирано. Јас ќе бидам најголем поборник да го зголемиме лимитот, додаде таа.