Заев: Утре ќе биде соопштена вистината за Македонија
Работите во нашата земја повеќе не зависат од Никола Груевски и од Али Ахмети. Тој што нема да ги почитува одлуките ќе ја турка кон недемократски вредности. Датумот 24 април не е опција за учество на сите опозициски партии, но и на дел од партиите кои ја поддржуваа досегашната власт.
Знам дека не може да си го дозволат Груевски и Ахмети, бидејќи тоа ги носи во еден правец, во слепа улица. И тие знаат дека опозицијата нема намера да гледа на ТВ еднострани избори. За да има избори треба да има избор меѓу власт и опозиција. Верувајте постојат сите политички механизми на опозицијата да оневозможи еднострани избори. Сакам да го видам тој од ДИК што ќе потпише прочистен Избирачки список пред 5 март, сакам да го видам тој, па макар и амбасадор што ќе соопшти дека може да се прочисти до тогаш тој список, бидејќи пред фактите и аргументи и боговите молчат. Јасно е дека утре ќе се соопшти тоа што сите знаат сите во земјава, а тоа е дека нема елементарни исполнети услови во Македонија за да се одржат фер и демократски избори, изјави денеска Зоран Заев по денешната средба со претседателот на Беса, Африм Гаши.
Заев истакна дека е јасно оти нема денови кои се потребни за прочистување на избирачкиот список, а императив е Договорот од Пржино, односно легитимитетот на победникот на тие избори е можен само со прочистен Избирачки список.
Денешната средба со Беса, Заев ја оцени со големо значење кога се носат важни одлуки за иднината на нашата земја.
– Денеска разговаравме зошто на 24 април не може или не треба да има избори. Всушност тоа е доста апсолвирано прашање во јавноста, бидејќи услови за фер и демократски избори очигледно нема, а тоа е премногу од јасно, а секако ги очекуваме и утрешните заклучоци соопштени од меѓународната заедница согласно кои ќе дадат и одредени упатства за понатаму. Денеска разговаравме за многу значајни теми, меѓу нив беше и за меѓуетничкиот соживот во државата, иднината на земјава, загриженоста за младите, за миграцијата која буквално ги тангира сите. Една работа не спојува сите, а тоа промена на власта мора да се случи, промените се здрави, а заедничките соработки во иднина може да бидат исправени пред сите нас, но во секој случај, во моментот кога постоиме како опозициски партии сме исправени да разговараме и секојдневно да ја известуваме јавноста – нагласи Заев.
Гаши, пак, истакна дека со Заев разговарале за ситуацијата во Македонија од сите аспекти.
– Наш заеднички став е дека нема ниту минимални услови тие да бидат на таа дата. Пред да се разговара за нов датум за изборите, треба сите партии да се согласат дека има услови за фер и демократски избори, во кои сите ќе имаат можност да гласаат без никаков притисок или манипулација при гласањето. Во тој дел сме сложни дека изборите треба да ја вратат вербата на народот во демократските принципи, избори кои досега ги немавме. Ние сме отворени за соработка со сите партии без разлика дали се од македонскиот или албанскиот блок партии – изјави лидерот на Беса.
Извор: Плусинфо.мк