Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Руинираните студентски домови, лошите услови за студирање, како и предлог-законот за високо образование, кој предвидуваше екстерно оценување за студентите, беа причините поради кои студентите ги окупираа факултетите пред три години. Денес студентите велат дека условите се исти, во некои сегменти и полоши. Од друга страна, пратеничката Ивана Туфегџиќ вели дека новиот Закон за високо образование ќе го подобри студентското организирање, а подобрувањето на состојбата во студентските домови ќе биде подолг процес.

Ништо не е променето оттогаш, велат дел од студентите, кои посочуваат дека единствената позитивна промена претставува новиот мебел што бил намонтиран во студентските домови на почетокот на минатата година. Велат дека сè уште се соочуваат со истите проблеми со лошата храна, недостиг на топла вода, влагата и лошото греење. Дополнителен проблем на студентите, како што велат, претставува и укинувањето на боновите во студентските домови, па наместо бонови, тие сега имаат електронска картичка со која добиваат два до три оброци во текот на денот.

Радослав М., кој веќе четири години живее во студентскиот дом „Пелагонија“, вели дека таму никогаш не добивале појадок, а веќе две години со воведување на картичката не можат да добијат повеќе од два оброка дневно.

- Порано со боновите можеше да јадеш колку пати сакаш и кога сакаш, а сега имаме определено време за ручек и за вечера, па ако задоцниш, тогаш оброкот ти пропаѓа. Ја затворија и бонската продавница во студентскиот дом, а освен што донесоа нов мебел и наместија нови прозорци, домот останува ист и јас не гледам некоја разлика од пред три години - вели Радослав.

Тој додава дека новите пералници, што лани беа промовирани во студентскиот дом „Пелагонија“, сè уште не ги користат, иако уште тогаш медиумите пишуваа дека машините „интензивно се користат“.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ, која беше дел од Студентскиот пленум, вели дека разликата од пред три години и денес е политичката волја и приоритизирањето на студентите на внатрешен план.

- Причината за студентската окупација во најголем дел беше Законот за високо образование. Законот според моите информации, веќе влегува во финална фаза и беше изработен заедно со студентите од Студентскиот пленум и со професорите. Во нацрт-текстот е решено прашањето околу студентското организирање, што беше еден од горливите проблеми на студентите, и сега е дефинирано како тело на универзитетот и има сериозна деконцентрација на моќ – вели Туфегџиќ.

СДСМ пред парламентарните избори во 2016 ветуваше изградба на студентски град и подобрување на условите во студентските домови. Туфегџиќ вели дека условите во студентските домови „сè уште се предизвик“.

- Изградба на студентски град не може да се случи за осум месеци, мислам дека ниту тендерска постапка не може да се заврши за толку кратко време. Но сега е промовиран проектот што беше ветен за студентската картичка. Сепак, ќе биде потребно време за да се увиди разликата околу условите во домовите – завршува Туфегџиќ.

Владата минатиот месец најави нов проект „Субвенциониран студентски оброк и други студентски потреби“, со кој треба да се воведе студентска картичка за оброк, превоз и посета на културни настани. Проектот е по словенечки терк, каде што ваква студентска картичка постои веќе 10 години.

Од Министерството за образование велат дека за годинава е предвидена реконструкција на мензата и на кујната во студентскиот дом „Гоце Делчев“ и дека е предвидено изработка на проект за реконструкција на трите згради на „Стив Наумов“.

Стефан Атанасов
(Објавено во „Слободен печат“)

Поврзани вести

 

Најново