Бајрамовска: „Да ви каже дете дека дало сексуални услуги на пет возрасни и ништо да не превземете!?
Васка Бајрамовска – Мустава, заменик Народен правобранител смета дека сите ја имаат одговорноста за негрижата за децата кои се проблематични и се „згрижени“ во институции, затоа што си ја префрлаат топката еден на друг, и се однесуваат како да нивната обврска завршила со тоа што пријавиле.
„За тоа дека девојчето е во постојано бегство се знаело од денот кога таа е донесена во установата во декември 2016 година. Установата пријавувала, го известила старателот – Центарот за социјална работа дека има штитеник кој е во постојано бегство. И тогаш тука затаила контролата и исполнувањето на улогата – посветеноста – да се седне, тимски да се работи со детето и да се реши проблемот“, вели Бајрамовска -Мустафа во интервју за МИА.
„Во овој случај сите потфрлиле, затоа што секој ја префрлува вината. Моето заврши со тоа што пријави. Меѓутоа во пракса штетната последица ја има детето, затоа што дојде до ситуација со неполни 13 години, штотуку наполнети 12 години, да абортира.
Застрашувачки се податоците во евидентениот лист каде што во разговор со полициски службеник кога е пронајдено детето во бегство и кога е вратено во установата пред претставници од јавната установа, пред старателскиот орган, пред инспекторот за малолетничка деликвенција таа вели „ме најдовте на тоа место, јас давав сексуални услуги, дадов за петмина возрасни за по 700 денари и да се каже дека завршува работата со тоа што пријавува во полиција“, додава таа
Смета дека со детето требало да се работи за да ги надмине тие работи. „Може ли да се очекува од дете кое што уште од почеток нема грижа од родителите во семејството дека ќе разбере оти тоа што го прави е надвор од нормалните граници. Не. И затоа јавно го осудуваме и на почетокот со реакцијата и сега индолентниот однос на органите, неодговорноста и во најмала рака повторуваме – ова е срамно што го прави државата во однос на грижата за децата, односно негрижата и одбегнувањето одговорност за тоа што се случува“, заклучува Бајрамовска – Мустафа.
Според неа, Народниот правобранител има сознанијата дека ова не е единствен и изолиран случај, дека многу често малолетни штитеници од установи пристапуваат на прекинување на бременост или се решаваат да бидат мајки во мали години кога се уште не знаат каква е обврската на родителството.
Поради тоа пуштиле допис до Клиниката за гинекологија од каде бараат податоци за да утврдат каква е состојбата со малолетни деца кои пристапуваат кон прекин на бременост, дали меѓу нив има деца кои доаѓаат со родител, кои доаѓаат со старател односно кои се сместени во установа, на која возраст, има ли такви на кои тоа не им е прво прекинување на бременоста, туку често тоа го применуваат.
Истовремено се обратиле и до Основното јавно обвинителство имајќи предвид дека според податоците не станува збор за сега актуелен настан, туку за настан за кој надлежните органи го информирале уште во средината на минатата година. Ги чекаат одговорите од институциите во законски предвидениот рок.