Јанева знае дека ја следат, за прислушувањето дека е Мијалков и тврди дека „бомбите“ остануваат како доказ
Специјалната обвинителка Катица Јанева во телевизиско интервју рече дека не е точно оти со новиот закон се губат „бомбите“ како докази.
-Тие се слушаат во судница за предметите за кои е потврдено обинението, значи до 1 јули 2017 година. Во однос на другите предмети за кои е воспоставена надлежност врз основа на бомбите мислам дека можеби нема да бидат слушани јавно за време на судењето, но транскрипти ќе бидат доставени, а на судот е да цени, рече Јанева.
Таа вели дека бомбите и до сега не биле единствен доказ во постапките, иако судовите се изјасниле дека ќе ги признаат како докази.
-Ние покрај тоа секогаш, без разлика колку бомби имаме дали една или 1001, во предметите имаме изјави од сведоци и материјални докази и тоа од институции од Република Македонија и дел што сме ги добиле од меѓународна правна помош, рече обвинителката Јанева.
СЈО досега, како што рече, преслушало 96 отсто од бомбите, кои биле анализирани и селектирани во однос на тоа кои се приватни, а кои од јавен интерес.
-Оние што се од јавен интерес ќе помине можеби мал период до летово да ги селектираме и да отвориме предистраги на кои имаме право за некои покрупни случаи, рече Јанева.
Додаде дека во предадените разговори кои ги анализирале а се однесуваат на периодот од 2008 до 2015 година има повеќе индиции за криминални дејаствија, но, како што рече, некои се застарени по важечкиот Кривичен закон.
-Јас знам дека ме следат, тоа е многу приметно. Но, тоа не ме оптеретува, имам обезбедување. А, што се однесува до прислушувањето мислам дека е многу намалено, бидејќи манипулации со ПИМ мерките не се можни, рече Катица Јанева во интервјуто за 1ТВ.
За бегалецот Никола Груевски Јанева рече дека таа сака тој да се врати како затвореник и дека мисли дека тоа може многу брзо да се случи.
Околу предметот „Империја“ и перењето на парите, Јанева вели дека за случајот е проширена истрагата. Најголемиот доказ е патот на парите и тоа мора да се докаже. Обемна операција во кој странските банки во одреден дел и ни помогнаа, но сепак има и обемна анализа на трансакции во Македонија.
-Повеќе од јасно е дека Мијалков го вршел прислушувањето. Мислам дека утре се продолжува со доказната постапка, на распит ќе биде Ѕвонко Костовки кој ќе објасни како се одземени разговорите кои сега се во наша сопственост кои тој ги одзел од УБК“, рече Јанева.