Таткото ја претепа Моника Ристеска, полицијата го лиши од слобода
27.05.2020
Операција на нос и местење вилица е она што ја очекува скопјанката Моника Ристеска, која вечерва на социјалните мрежи објави дека била жртва на семејно насилство. Активистката за легализација на марихуаната, а во јавноста позната како Моника Конопова, информираше дека нејзиниот татко ќе биде задржан 24 часа во полициска станица откако претходно ја нападнал со тупаници и дрвено столче, додека се упатувала кон кујната да земе храна.
Вознемирувачките фотографии кои таа ги објави наидоа на бројни реакции од корисниците на социјалните мрежи кои ја охрабрија случајот да го пријави во полиција и ѝ посакаа поскоро опоравување. Според коментарите, Моника веќе одмора и е со својата мајка.
Инаку, оние кои ги следат состојбите со семејното насилство уште на почетокот откако беше прогласена вонредната состојба предупредија дека затворањето во домот може да биде поттик за насилниците. Ваквите случаи освен во полиција може да се пријават и на броевите кои ги објави Министерството за труд и социјална политика 070/075/077 141 700.
„На 26.05.2020 во 22.30 часот на ул.„Антон Чехов“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Р.(64) од Скопје поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело. Претходно, неговата ќерка М.Р.(31) од Скопје пријавила дека околу 20.30 часот во семејниот дом на ул.„Антон Чехов“, по претходна расправија, таа и нејзината мајка К.Р.(62) од Скопје биле физички нападнати од нејзиниот татко С.Р.(64) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.