Пристигнаа 13 500 брзи теста за Ковид – 19, донација од Кралството Норвешка
27.11.2020
Норвешка ни донираше 13 500 брзи теста за ковид-19. Донацијата денеска во кругот на Воено-медицинскиот центар во Скопје ја предаде аташето за одбрана, Егил Далтвејт.
Дел од нив – 3 500, ќе се искористат за потребите на зголемена безбедност на припадниците на Армијата и за тестирање на тие што функционираат во група – курсот за подофицери кој се организира во Армијата, при упатување во мисија и при организирање поголеми вежбовни активности.
„Ова се брзи тестови за детектирање ковид-19 и тие не претставуваат замена на ПЦР-тестовите, меѓутоа се голема поддршка во справувањето со ковид. Втората иницијатива што сакам да ја истакнам е соработката на полето на воената медицина. Ние и досега сме соработувале, меѓутоа од почетокот на следната година ќе учествуваме заедно како дел од норвешката полска болница во Авганистан, која ние планираме да ја инсталираме оваа зима“, истакна Далтвејт.
Донацијата ја најави и министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата денеска претпладне, на која рече дека од денеска почнува постапката за набавка на брзи тестови со дел од буџетот кој со ребалансот стигна во Министерството за здравство.
Владата на седницата пред 10 дена го задолжи Министерството за здравство да спроведе постапка за јавна набавка на брзи антигени тестови за потребите на јавните здравствени установи со спроведување постапка на преговарање без објавување оглас.
Мите Јаначков