Денеска се празнува Свети Никола

Објавено на 19 декември, 2013 во 08:31

Денот на Свети Никола Мириклиски – Чудотворец е еден од најпразнуваните во Република Македонија.

Свети Никола е чудотворец и заштитник. За свој патрон и заштитник го имаат прифатено морепловците, рибарите и воопшто морепловството – кои се молат пред неговата икона за мирно море.

Роден при крајот на 3 век во Патара во Ликија, од многу богати и угледни родители Теофан и Нона, син единец подарен од Бога, но родителите го посветуваат на Бога, на кого тој му служи како верен пастир, проповедник и ревносен исполнител.

Свети Никола е вистински пример на вистински пастир, чија љубов кон ближниот е нешто примарно и свето и основа за едно ново во кое луѓето ќе се третираат како синови Божји, а тоа значи ползување еднакви права на земните блага. Неговата самопрегорна служба на Господа Христа и малиот човек го издигна високо и го овенча со вечна слава.

Делата на овој голем светител никогаш нема да згаснат. Тие вечно ќе живеат оти се изградени на вечната евангелска вистина. Тие ќе служат на сите следбеници Христови како жив пример за правда и хуманост-секогаш и за секого. Да се помолиме на св. Никола духот на љубовта Христова да завладее во нас и да бидеме удостоени да го следиме неговиот пат, кој преку добри дела води до вечност.

Името на Свети Никола се почитува и на источните и на западните страни. Земјите во кои Свети Никола никогаш не бил, го сметаат за свој застапник и покровител, му прибегнуваат оние што учат, мајките му се молат за своите деца, болните ја бараат неговата помош.

Светителот на сите им се покажува како близок, достапен и брз помошник, пријател и застапник во несреќите.
Свети Никола е светец кој подеднакво го слават Христијаните и Католиците, а го слават и некои Муслимани во делови од Турција.

Легенди за Св. Никола

Многу легенди настанале за личноста и делото на Св. Никола во касниот среден век. Според една легенда во една гостилница дошле гладни ученици, но наместо да ги нагости, газдата ги убил и сакал да ги насоли. Се појавил Св. Никола кој ги оживеал и соодветно го казнил сторителот.

Според друга легенда еден брод западнал во бура на море. Морнарите се молеле на Никола за помош и тој го смирил, па затоа тој се смета и за заштитник на морнарите и патниците.

Еден осиромашен царски службеник кој живеел во близина на родителската куќа на Никола, сакал да ги омажи своите три керки, но немал пари за руба.Така ги испратил во јавна куќа, да би заработиле за сопствената руба. Кога дознал Св. Никола, вечерта низ нивниот прозорец им фрлил вреќичка со златници, со што ќерките достоинствено се омажиле….

Никола е прикажан на иконите како стар бискуп со закривен бастун / стап и бискупска капа и три златни топки на книгата чија симболика е легендата со трите керки во јавната куќа и вреќичите злато. Оваа легенда е исто така поврзана со дарувањето. Св. Никола е всушност тој кој пред Нова Година доаѓал и им подарувал на децата (ако биле добри) по нешто слатко од вреќата. Традиционални дарови се јаболка, лешници и бадеми.

Доживеал длабока старост и умрел во 343 година. Бил погребан во Мира, а подоцна пред налетот на Исламот со многу свечености неговите мошти биле пренесени во Бари Италија во 1087 година, поради што и овој датум се смета за празник на Св. Никола.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.