Британски „Дејли меил“планира да го превземе „Yahoo“
Сопственикот на британскиот дневен печат „Дејли меил“ е во рана фаза на преговори за преземање на ослабнатата интернет компанија „Yahoo“.
Американскиот весник „Волстрит журнал“ прв извести дека британскиот весник е во преговори со приватни инвестициони компании околу доставување на понудите за преземање на „Yahoo“.
Портпаролот на „Дејли меил“ изјави дека се „во преговори со различни страни кои се потенцијални купувачи“, како и дека преговорите се во рана фаза и дека нема никакви гаранции дека ќе дојде до било каква трансакција.
Од „Yahoo“ кој е под силен притисок да ги зголеми своите приходи, не сакаат да даваат коментар.
„Yahoo“ претходно оваа година отпушти 15 одсто од вработените или околу 1700 работници.
Бизнисот на „Yahoo“ е во пад од доаѓањето на актуелната генерална директорка Мариса Мејер на чело на компанијата, бидејќи огласувачите „вбризгуваат“ се поголеми суми на пари во дигиталниот маркетинг, од што најголем дел од средствата заминуваат на ривалскиот Гугл и Фејсбук.
Акциите на „Yahoo“ од крајот на 2014 година паднаа за околу 30 одсто, што го зголеми притисокот на Мејер да преземе драстични мерки.