Коѕиас и Нимиц разговараа за спорот за името и мерките за градење доверба
Преговорите за името, ставот на Грција околу спорот и мерките за градење доверба биле главните теми на разговор на средбата меѓу шефот на грчката диломатија Никос Коѕиас и медијаторот Метју Нимиц. Коѕиас и Нимиц се сретнаа во Луксембург, каде грчкиот министер учествува на Советот за надворешна политика на Европската Унија.
Како што информираат од грчкото Министерство за надворешни работи, Коѕиас го информирал Нимиц за позициите и размислувањата на грчката влада околу преговорите за спорот за името. Коѕиас го известил медијаторот и за напредокот на имплементирањето на мерките за градење доверба.
Нимиц од своја страна го известил грчкиот шеф на дипломатијата околу досегашните и тековните активности кои ги презема во рамки на преговарачкиот процес и за разговорите кои ги имал изминатиов период околу прашањето за името.
Последната рунда на разговори во преговорите за името меѓу двете страни беше во ноември 2014 година, а медијаторот последен пат регионот го посети во август истата година. Лани во април Нимиц имаше средба со Коѕиас во Њујорк и тоа беше последната официјална јавна активност околу спорот за името, иако медијаторот во неговото неодамнешно интервју за грчката телевизија Скај забележа дека е во редовен контакт со преговарачите, но и со други страни кои се заинтересирани да помогнат во преговорите.
Нимиц во интервјуто изрази и разочараност од долгата паузи неактивност која владее во спорот за името поради бегалската криза и внатрешните проблеми на двете држави и изрази надеж дека двете држави од бегалската криза ќе извлечат заклучок колку е неопходно и да се најде решение за името и колку тоа решение би им помогнало и на двете страни. Медијаторот најави реактивирање на преговарачкиот процес кусо по изборите во Македонија.
Средбата Нимиц-Коѕиас е дел од ненадејниот дипломатски маратон на грчкиот министер и доаѓа на само четири дена пред Регионалниот самит за бегалската криза во Солун, на кој ќе учествува и Македонија. Мерките за градење доверба за кои бил известен Нимиц се очекува да бидат една од клучните теми на потенцијалната билатерална средба меѓу Коѕиас и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во Солун, имајќи предвид дека една од мерките е подобрата меѓугранична соработка, тема која е во фокусот поради бегалската криза и тензиите кои владеат на македонско-грчката граница на Идомени.
Извор: Телма