Бројот на загинати во Еквадор постојано расте
Бројот на загинати во земјотресот во Еквадор се искачи на 272. Над 2000 луѓе се повредени, а има и голем број лица кои се водат како исчезнати.
Претседателот на Еквадор Рафаел Кореа вчеравечер изјави дека бројот на жртвите сигурно ќе се зголемува и натаму. Тој земјотресот го нарече „најголема трагедија во последните 67 години“. „Колку што болката е поголема, толку посилен станува духот на заедништво на нашиот народ“, изјави Кореа повикувајќи ја земјата на единство.
Владата во саботата воведе вонредна состојба во земјата и мобилизираше околу 14.000 припадници на безбедносните сили. Две мобилни болници, повеќе од 100 лекари и медицински персонал се испратени во најмногу погодените провинции Манаби и Есмералдас.
Земјотресот се случи во саботата вечерта пред брегот на Еквадор и е еден од најсилните во изминатите децении. До вчеравечер, според информациите на надлежните служби, имало уште 230 дополнителни поблаги потреси.
Извор: Дојче веле