Силно невреме предизвика штети во Западна Србија
Невреме проследно со пороен дожд, град и грмежи синоќа ја погоди западна Србија, предизвикувајќи штети на патната инфраструктура и на земјоделските насади.
Како што јави Танјуг, невремето, што започнало по 20 часот, ги погодило териториите на општините Чачак, Горњи Милановац, Пожега, Косјериќ, Бајина Башта и делови од Лучане.
Според метеоролозите, во некои реони од подрачјето погодено од невремето наврнале и до 60 литри дожд на метар квадратен.
Обилните дождови предивикале поплави по улиците и во подрумите на повеќе станбени објекти.
Надлежните органи соопштија дека се предизвикани големи штети, пред сè на овошните насади, а регистирарни се и оштетувања на патната инфраструктура и на повеќе возила. Тие сепак, како што јави РТС, нагласија дека попрецизни информации за штетите ќе бидат познати денеска.
Извор: Локално.мк