Обилни снежни врнежи во Германија
Западните делови на Германија од вчера попладне се зафатени од обилни снежни врнежи, кои предизвикаа проблеми во патниот и воздушниот сообраќај.
Како што јави ДПА, поради снегот времено е запрен целиот сообраќај на аеродромот во Дизелдорф, чиј претсавник изјави дека засега не е познато колку долго тој ќе остане затворен.
На најголемиот аеродром во Германија, франкфуртскиот. функционира само една писта, поради што се откажани голем број летови или се изведуваат со задоцнување. Претставник на аеродромот оцени дека состојбата е „драматична“.
Откажани се повеќе летови и од аеродромот Келн-Бон, но тој засега не е затворен за сообраќај и кон него се пренасочуваат авионите што требаше да слетаат во Дизелдорф.
Снегот во делови на Германија почна да паѓа во петокот попладне, но денеска во попладневните часови снежните врнежи се интензивираа.
Поради снежните врнежи сообраќајот се одвива отежнато по повеќето патни правци во западните делови на Германија, а остатоците од снег и мразот на патиштата беа причина за поголем број сообраќајни несреќи, при кои се повредени неколку лица.