Могерини: На новинарите да им се овозможи без страв да ја работат својата работа
Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини по повод претстојниот Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата врз новинарите порача дека демократијата не може да опстане без слободни, разновидни и независни медиуми.
Таа ги повика сите земји од ЕУ и вон Унијата да ја исполнат својата обврска и да ги заштитат новинарите и слободата на изразување.
– Слободните медиуми се кичма на слободните општества и нивното поткопување значи поткопување на нашата сопствена слобода, изјави Федерика Могерини.
Таа оцени дека новинарите и медиумските работници ширум светот треба да инсистираат на тоа државите, претставниците на властите, корпорациите и целото општество да преземат одговорност за своите постапки.
Според Могерини, сепак има премногу новинари кои се соочуваат со закани и напади само поради фактот што си ја работат својата работа, додека извршителите на нападите остануваат неказнети.
Генералното собрание на Обединетите нации на 18 декември 2013 година го прогласи 2 ноември за Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата против новинарите со резолуцијата A/RES/68/163 на Генералното собрание. Резолуцијата ги повика земјите-членки да спроведат конкретни мерки во насока на спречување на праксата на неказнување. Датумот беше избран во чест на атентатот на двајца француски новинари во Мали на 2 ноември 2013 година.