Заев: Платите ќе растат и понатаму, се грижиме за сите граѓани
Продолжува растот на просечната плата. Во април годинава таа изнесувала 28.438 денари, што е зголемување од 10,1% или за 2.608 денари во споредба со април 2020, кога била 25.830 денари, објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.
Тој наведува дека согласно податоците од Државниот завод за статистика, зголемувањето се должи, пред сѐ, на зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (28,6%), Финансиски дејности и дејности на осигурување (24,0%) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (21,7%).
„Платите ќе растат и понатаму, бидејќи се грижиме за сите граѓани подеднакво!“, стои во објавата на премиерот.
Според Државниот завод за статистика, просечната нето-плата годинава е поголема во однос на април лани за 10,1 отсто, додека бруто платата за 10 проценти.