Познатото украинско мачорче успеа да собере над 8000 евра за донации за Украина
Милион луѓе ги видоа виралните видеа од мачорот Степан како седи покрај разни пијалоци или храна и во позадина свири музика. Овој мачор стана „меме“ и многу често може да се види во најразлични контексти, особено на твитер-профилите на корисниците.
Веројатно ретко кој знае дека мачорот е всушност милениче на Ана од Украинa, од Харков. Неодамна Степан и Ана побегнале на сигурно во Франција, а откако стигнале таму, Ана успеала да собере преку 8000 евра за пет добротворни организации кои им пружаат помош на животните и миленичињата погодени од војната во Украина.
-Кога стигнавме во Полска, Светската организација на влијателни блогери од Монако ни понуди помош. Ни помогнаа да стигнеме во Франција, и чекаме погоден миг кога ќе можеме да се вратиме дома. Засега сме добро. Многу сме загрижени за нашите роднини што останаа во Украина, и ќе направиме сѐ што можеме да ѝ помогнеме на нашата земја – изјави сопственичката на мачорот.
Степан е спасен како малечко маче и првпат се појави на „ТикТок“ во 2019 година, благодарение на видеото во кое мачето „лежерно“ седи покрај чаша црвено вино, а во позадина тече I just called to say I love you, од Стиви Вондер.
Денес Степан има повеќе од милион следбеници на Инстаграм и Тик Ток.