Украина веќе се подготвува за Евровизија 2023, се разгледуваат локации за одржување на натпреварот
Киев почнува со подготовките за наредната Евровизија која би требало да биде одржана во Украина 2023, соопштил завчера Кирило Тимошенко, заменик шеф на кабинетот на Володимир Зеленски.
„Украина веќе ги започнува подготовките за финалето на Евровизија 2023 година. Главното прашање за нас и за Европската радиодифузна унија е безбедноста. Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи на Украина од самиот почеток се вклучени во подготовките за Евровизија 2023, со цел да се обезбеди соодветна логистика и што е најважно безбедност“, објаснил Тимошенко на својот канал на Телеграм.
Тој навел дека се разгледуваат различни локации за одржување на натпреварот, но тврди дека во моментов не може да открие за кои локации станува збор, пренесува руската агенција Тасс.
Потсетуваме, украинската група „Калуш оркестра“ со песната „Stefania“ победи на овогодинешната Евровизија, поради што според правилата на Евровизија, следниот натпревар би требало да се одржи во Украина.
Според вкупните резултати од гласањето на публиката и жирито, претставниците на Украина освоија 631 поен и победија со голема разлика во однос на второпласираната Велика Британија која доби 466 гласа.