Зошто мултитаскингот е лош?
Освен што предизвикува хаос и стрес, мултитаскингот ја намалува продуктивноста и го зголемува бројот на грешки при работата, поради што е пожелно што повеќе да се избегнува.
Доколку, пак, мултитаскингот добро ви оди, тогаш вие спаѓате во групата на само два отсто од луѓето кои можат успешно да сработат повеќе работи одеднаш. Мозокот на овие среќници е поинаку изграден, открива една неодамнешна американска студија.
Но, секоја од тие обврски тие ќе ги направат полошо од оние луѓе кои се посветени на само една, тврдат научниците.
Мозокот станува преоптоварен ако во исто време се занимаваме со повеќе од две активности, притоа губиме дури 40 отсто од продуктивноста. Покрај тоа што мултитаскингот предизвикува повеќе грешки во работата и не е доволно ефикасен, тој создава повеќе стрес и нервоза.
Затоа би било најмудро да го избегнувате мултитаскингот секогаш кога можете. За почеток, штом се сетите дека имате да завршите некоја обврска во текот на денот, запишете си. Потоа, сите обврски работете ги една по една, а рангирајте ги според важноста, од најважни до не толку важни, а притоа настојувајте најважните да ги извршувате наутро додека сте најсвежи.
На работното место обидете се да се ослободите од сè што ви го одвлекува вниманието. Доколку работите на компјутер, затворете ги прозорчињата од електронската пошта, социјалните мрежи и интернет порталите кои ги посетувате во слободно време. Слушалките се одлична бизнис алатка која ќе ви помогне да се „исклучите“ од околината и да се концентрирате на задачата. Доколку треба брзо да менувате различни активности, правете мала пауза меѓу секоја од нив.
