Таткото на видеоигрите
Исто како во La Bohème – песната на Шарл Азнавур, овој текст зборува за едно време кое помладите од 30-40 години не би можеле да го познаваат. Едно непоимливо време, кога сè уште не беа родени видеоконзолите, а на ретките играчки автомати им беше местото само по панаѓури или во некои кафулиња, заедно со тогаш популарните флипери и џубокси…Тогаш во домовите само побогатите имаа телевизор, а на телевизорот неколку часа ТВ-програма дневно! Сето тоа се промени во децениите што следат токму благодарение на Ралф Баер.
Во тоа време твореше Ралф Хенри Баер (Ralph H. Baer) со животниот пат потполно аналоген на неговото дело: тоа е една бескрајна низа на пионерски електронски игри создадени во неговото слободно време, видеоконзоли и електронски играчки во кои е заробен неговиот вечен младешки ентузијазам, ослободен од секаков личен план, толку својствен за биографиите на големите луѓе. Тоа беше време кога светот требаше потполно да се преобликува за да стане разбирлив од денешен аспект, време кога иднината требаше да се смисли и обмисли.
Многу подоцна, во 2007, во едно негово интервју, тој изјавил дека уште во 1951 го согледал фактот дека телевизорите можат да се употребуваат и за други намени освен основната, а во прв ред тоа би било нивна употреба како видеомонитори за прикажување разни содржини и апликации, па и за играње игри. Но, во фирмата во која работел, не наоѓал одобрување за своите замисли, па тој на своја рака почнал да изработува разни прототипи на игри – во своето слободно време. Со тоа станува основоположник на цела една гранка од индустријата и забавата – видеоигрите и видеоконзолите.
За жал, на 6.12.2014 на 92-годишна возраст, почина Баер со леткумот в рака и со грст идеи во главата.