Италијански остров наградува со по 3 илјади евра млади парови за венчавка
До 31 јули, наредната година, на Сицилија за венчавка млад пар ќе добие по 3.000 евра. Ваква одлука донесоа Властите на Сицилија.
Со барокни палати и вили, средновековните цркви и прекрасната природа Сицилија е привлечно место за церемонии.
Најпознатата венчавка што се одржа на островот е онаа од филмот „Кум“, во кој син на мафијашки кум се венчава со локална убавица. Оваа филмска венчавка ја лансираше Сицилија како едно од најценетите места за свадбени церемонии и поттикна формирање низа мали семејни фирми, кои се занимаваа со подготовка и организација на свадбени свечености.
До пандемијата на ковид-19, најбројните младенци и сватови беа од Америка и од Јапонија, но карантинот речиси целосно ја укина активноста што донесувала годишен приход од 50 милиони евра.
Последиците од кризата ги погодуваат не само фирмите што организираат свадби, туку и низа бизниси поврзани со тоа, какви што се кетеринг, фотографски услуги, келнери, хотели, печатници, а во загуба се и местата што се изнајмуваат за свадби, убавите сицилијански барокни вили и палати, музеи, манастири… Тоа беше причина локалните власти да им понудат подарок на младенците што ќе се одлучат да се заколнат на „вечна љубов“ на Сицилија.