И годинава субвенционирање за инсталирани сончеви колектори!
Секој што купил или вградил соларен колектор во својот дом ќе може да се пријави за субвенционирање на огласот распишан од Владата, рече денеска министерот за економија Ваљон Сараќини.
Огласот е распишан пред седум дена и ќе трае до 31 мај, годинава. Извлекувањето на кандидатите што ќе ја добијат поддршката е закажано за 8 јуни.
И годинава во државниот буџет се испланирани 6 милиони денари за субвенционирање на инсталирани сончеви колектори во домаќинствата.
Државата ќе надоместува 30 % од трошоците, односно од вредноста на колекторот или максимум 18 илјади денари.
„Од вкупно 600 илјади домаќинства во Македонија само 3.000 користат сончеви колектори, но интересот за нивно инсталирање е се поголем. Лани до Министерството пристигнаа 2.000 барања за субвенции, а во 2011-та оваа бројка беше двојно помала“, рече Сарачини.
Заштедата од инсталирање сончеви колектори изнесува околу илјада денари месечно или 12 илјади денари годишно, а ако колекторот чини 36 илјади денари инвестицијата се враќа за три години, велат од економија.