Пензионерите да бидат внимателни, во еден ден, пријавени се шест телефонски обиди за измами со лажни лекари или полицајци

Објавено: 18 февруари, 2026, во 13:33 часот

На подрачјето на Сектор за внатрешни работи Велес (СВР), вчера, пријавени се вкупно шест или пет обиди за измами на пензионери во Неготино и еден во Велес.

Случајот во СВР Велес пријавен е од 53-годишна велешанка, ќерка на пензионерот кому вчера телефонски му се јавил маж со намера да го измами и од него да извлече 35.000 евра. Пред да започне телефонската комуникација со пензионерот, женски глас лелекал и барал помош а потоа маж му кажал дека тоа е неговата ќерка која е повредена од паѓање и се наоѓа во велешка болница каде ќе биде подложена на сериозна операција и мора да и се вградат „три златни клинови“ на ногата како и да се санира повреда на вилица за што мора под итно во болницата да донесе 35.000 евра, соопшти за Дума.мк пензионерот од Велес. Тој иако вознемирен од информацијата сепак искрено рекол дека не располага со таа сума на пари и се обидел да ги распраша за кои лекари станува збор, што било причина да биде прекинат телефонскиот разговор.

Од велешката полиција соопштија дека останатите пет случаи биле пријавени во ОВР Неготино.

„Таму станува збор за обид за измама на лица на возраст од 69 до 78 години. Тие пријавиле дека машко лице им се јавило, им кажало дека членови на нивните семејства се здобиле со повреди и за да се изврши оперативен зафат потребно е да донесат пари.  Побараните суми достигнувале и до 35 000 евра, а лицето во неколку од случаите се претставувало како лекар или како полициски службеник. На некои од пријавителите им било побарано парите да ги однесат во здравствени установи во Скопје, а на други во болницата во Велес. Сите пријавители се посомневале, ги контактирале своите блиски и сфатиле дека се работи за измама“.

Од СВР Велес апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати личности и сите сомнителни случаи да ги пријават во полициска станица. Оттаму додаваат  дека полициските службеници и во претстојниот период ќе продолжат со засилено темпо да реализираат превентивни активности за заштита од измами, особено за повозрасната популација, со цел граѓаните да се информираат и едуцираат за опасностите од телефонските измами, како да ги препознаат и да не дозволат да бидат жртви на овој вид измами.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.