Кодекс на однесување на вработени во медиумот Дума.мк

MИСИЈА

Дума.мк е портал основан со цел на известување и пренесување на искуства, проблеми, предизвици, реакции и вести од секојдневието во Вардарскиот регион.

ВРЕДНОСТИ 

Порталот е воден од целта граѓаните и граѓанките на овој регион да бидат активни учесници/чки во светот на објективното информирање, а со тоа и активни учеснички и учесници во демократските, политичките, економските и другите општествени процеси.  

член 1 

Овој кодекс се донесува врз основа на Статутот на Дума.мк, Кодексот на новинари на Македонија и другите важечки позитивни правни норми во државата.  

Кодексот се однесува на сите вработени во било кој правен однос во медиумот Дума.мк. ( во понатамошниот текст медиум) 

член 2 

Сите вработени во медиумот се должни да се запознаат со  овојКодекс и работатспореднего. 

Медиумот се обврзува да ги информира своите вработени за овој Кодекс преку електронска комуникација и прекудодавање на истиот како Анекс кон договорите за нововработени. 

член 3 

Медиумот е должен да се стреми да обезбеди соодветни работни услови, како и еднакви можности на сите вработени и да вложува во своите вработени, со цел тие да го развиваат својот потенцијал прекуразни обуки и други активности.Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, медиумот е должен да ја гарантира еднаквоста на сите вработени, без оглед на нивната возраст, пол,род, родов идентитет, раса, јазик, национална и верска припадност, етничка припадност, фамилијарен статус и/или социјален и економски статус.  

член 4  

Медиумот и сите вработени се обврзуваат на етичко работење и известување кое не дискриминира и не стереотипизира поединци/ки и/или општествени групи.Истовремено, медиумот и сите вработени се обврзуваат преку своето работење и известување активно да се спротивставуваат на постоечките стереотипи во општеството. 

член 5 

Секој/а вработен/а во медиумот е должен/на да се однесува достоинствено, со голема мера на толеранција и почит кон другите вработени и да ги почитува основачките и други внатрешни акти на медиумот. 

член 6 

Од вработените се очекува да имаат професионална комуникација неопходна за извршувањена која било работа. Добрите односи помеѓу колегите и колешките, како и соработничките и соработниците се од особено значаен интерес за медиумот.Тоа подразбира и непречен проток на информации и позитивен став кон нововработените со цел нивно успешно колективно интегрирање. 

член 7 

Секое директно или индиректно однесување во медиумот кое може да упатува на било каква формана злоупотреба, понижување, психолошко, физичко или сексуално вознемирување и малтретирање, строго ќе се санкционира. 

член 8 

Од новинарите и новинарките на медиумот се очекува строго почитување на Кодексот на новинари на Здружението на новинари на Македонија.  

Помеѓу другото, од новинарите и новинарките во медиумот се очекува да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана, да пренесуваат информации, идеи и мислења на чесен, објективен и точен начин, почитувајќи ги  највисоките етички вредности и професионални стандарди. 

Право и должност на новинарите и новинарките е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите.Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на граѓанското општество, новинарите и новинарките ги бранат човековите права, достоинството и слободата,  го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, придонесуваат кон јакнење на правната држава и придонесуваат кон контрола на власта и на другите субјекти од јавниот живот. 

член 9 

Новинар(к)ите треба да ја извршуваат својата работа политички непристрасно,во согласност со принципите на новинарската професија.Тие секогаш треба да даваат приоритет на јавниот пред приватниот интерес. 

Новинар(к)итеќе настојуваат да не известуваат еднострано, оставајќи простор за претставување на спротивните страни. Истовремено, новинар(к)ите ќе се стремат да ја развиваат свеста за постоечките нееднаквости и различности и да промовираат рамноправност во општеството преку своето известување. 

Од новинар(к)итесе очекува да се однесуваат на начин на кој не влијаат негативно на угледот на медиумот. 

член 10 

За секое непочитување на членовите на овој Кодекс, најпрво ќе се извести уредникот/чката и/ или колегиумот на медиумот. Се дава предност на мирно решавање на споровите, со запазување на достоинството на вработените. 

член 11 

Овој Кодекс ќе се евалуира еднаш годишно или порано во зависност од потребите. 

Поимник 

Дискриминација  – секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа. 

Дискриминаторско однесување и постапување– секое активно или пасивно однесување на секое лице од страна на јавните власти, како и од страна на правни и физички лица од приватниот и јавниот сектор во јавниот живот, кое создава основи за привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин, или кое го изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација, базирано на која било од дискриминаторските основи. 

Вознемирување и понижувачко постапување– повреда надостоинството на лице или на група на лица кое произлегува оддискриминаторска основа и кое има за цел или резултат повреда надостоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска,понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика. 

Сексуално вознемирување– несакано однесување од полов карактер, кое се изразува физички, вербално или на кој било друг начин, а има за цел или последица повреда на достоинството на едно лице, особено кога се создава непријателска, заканувачка, деградирачка или понижувачка средина.  

Стереотипизација – секое претставување на поединка, поединец и/или општествени групи преку однапред усвоени мислења и видувања за одредени категории лица (без оглед дали тоа се однесува на пол, род, национална, етничка или религиска припадност, социо-економски статус, фамилијарен статус, возраст, итн.)