Стариот изваден, се работи на постилање нов тартан на атлетската патека на велешки Градски стадион
Објавено: 9 април, 2026, во 14:22 часот
Се реконструира атлетската патека на Градски фудбалски стадион „Зоран Паунов“ во Велес. Старата тартан подлога веќе е извадена и се изведуваат градежни работи за поставување на нова исто така тартан подлога. Златко Стојковски директор на ЈП „Парк спорт“, кое е надлежно и за Градски стадион, информира дека градежните работи течат според утврдената динамика.

-Завршена е првата фаза која се состоеше од вадење на старата тартан подлога. Целата количина беше собрана и изнесена од стадионот. Во моментов се работи на подготовка на стазите за асвалтирање. Не би можел конкретно да кажам колку време ќе биде потребно за да се исуши асвалтот, со оглед на временските услови. Штом стручните лица и надзорот соопштат дека подлогата е сува и подготвена тогаш ќе следи и последната фаза на поставување или монтирање на новата тартан подлога. Според потпишаниот договор краен рок за завршување на работите е месец мај, годинава,“ рече Стојковски.

Директорот додаде дека севкупните градежни работи на поставувањето на новата тартан подлога чинат 19 милиони 290 илјади денари или 199 илјади 837 евра. Финансиските средства за реализација на проектот „Реконструкција на Атлетска патека во Општина Велес“ се обезбедени од Министерство за спорт.

Изведувач на градежните работи е фирмата ДЗИТПТ „ИНТЕКО“ ДООЕЛ од Скопје додека Надзорен орган е фирмата “ВЕРТЕКС АРХИТЕКТУРА“ ДОО Скопје.

Убавка Јаневска



