Големата влага во почвата причина за хлороза
Објавено: 7 мај, 2014, во 13:56 часот
Во месец април вкупниот воден талог во Тиквешијата изнесува 199 литри на метар квадратен, а во мај заклучно со последните врнежи имаме воден талог од 25 литри на метар квадратен. Овие големеми количини на воден талог придонесоа за масовно ширење и манифестација на хлороза кај растителните видови, вели експертот за заштита на растенијата, м-р Диме Златев,
Тој нагласува дека големата количина на вода која се апсорбира во почвата ќе придонесе за забрзан процес на растворање на хранливите елементи во почвата особено на брзо подвижниот азот како и многу значајните микроелементи, магнезиумот кој е главен столб за хлорофилот или зелената боја но и железото без кој елемент магнезиумот неможе да се смести во хлорофилната клетка.
„Од овие причини лозарите и овоштарите од тиквешко треба спремни да ја очекуваат појавата на жолтеење на лисјата наречена хлороза особено кај лозјата, праската но и кај другите овошки. Хлорозата може да има штетно влијание врз приносот. Затоа лозарите и овоштарите треба будно да ја следат појавата на хлороза и веднаш не чекајќи да земе замав или не чекајќи да дојде период за редовно прскање, туку веднаш штом се забележат пожолтени лисја да се интервенира со прскање на пожолтените лози со фолијарни ѓубрива кои содржат магнезиум и железо и тоа со повисоки дози.Доколку интензитетот на хлорозата е појак и постои опасност од сушење на цели лози или вошки покрај прскање на лисната маса да се интервенира и во коренот-преку чинија околу стеблото и додавање на гранулирани ѓубрива и специјални препарати кои содржат повисоки дози на магнезиум и железо“ вели м-р Златев.
Тој напоменува дека будно ја следи состојбата со инфекциите од пламеница кај виновата лоза и засега не е остварена првата зараза. За потребата од заштита ќе даде дополнителни совети за лозарите./А.Д


