Се очекува нормализирање на состојбата со поплавите во Македонија

Објавено: 5 мај, 2014, во 08:43 часот

Поради поројните дождови, повеќе реки во земјава се излеаја од коритата и поплавија земјоделски површини.
Во последното деноноќие прелеала и браната Кнежино и водата се влевала во Злетовска Река, но поради недоволната пропусна моќ на некои од мостовите, таа се излеала на патните правци и земјоделските површини.

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информираат дека била ангажирана една градежна машина за уредување на коритото на Злетовска Река и за санирање на другите критични места.

Злетовска Река се излеала кај селото Новоселани, Кочанско, при што се поплавени оризови полиња. Ангажирани биле две градежни машини за расчистување на коритото. На барање на локалната самоуправа, од страна на ДЗС е ангажирана уште една градежна машина за расчистување на коритото на Злетовска Река кај селото Жиганци.

Во Кумановско се зголемило нивото на реката Кумановска и таа се излеала кај селото Доброшане, при што се поплавени 20 хектари земјоделска површина, а Крива Река поплавила 10 хектари кај селото Довезенце.

Во Кривопаланечко, нивоата на Крива Река и Дурачка Река се нормализирани, а во градот се појавило помало свлечиште, но куќата во негова близина била стабилна и без оштетување. Нормализирано било и нивото на водотеците и во општините Радовиш и Штип.

На барање на локалната самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување дала 1.000 вреќи за песок за изградба на заштитен насип на бунарите кај реката Брегалница.

Се очекува нормализирање на водостојот на реките, но доколку состојбата со поплавите се влоши, Дирекцијата за заштита и спасување ќе ангажира дополнителна градежна механизација од фирмите со кои има склучено договори.

Дирекцијата има склучено договори со 44 фирми кои располагаат со различни видови и типови градежни машини.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.