(ОБНОВЕНО) Педесет годишниот Муарем Алиев осомничен за убиството на кавадарчанката Снежана Tодоровиќ
Тој вчера напладне пријавил во полициската станица во Кавадарци дека жената со која порано живеел во вонбрачна заедница ја нашол мртва. Алиев се обидел да сокрие дека тие заедно живееле подолг временски период. Лажниот исказ бил разобличен штом на местото на злочинот стигнал лекарот кој ги утврдил повредите нанесени на телото на педесетгодишната жена.
Обдукцискиот наод покажал дека Снежана Тодоровиќ од селото Сирково починала од повеќе удари нанесени на нејзиното тело. Алиев веќе бил приведен во полициската станица во Кавадарци. Попладнево полицијата него го изнела пред јавен обвинител и надлежен судија во Основниот суд во Велес кој му одредил мерка притвор во времетраење од триесет дена.
Муарем Алиев, вечерва, ќе биде пренесен во истражниот затвор „Скопје’ во Скопје./Д.С
12.05: Убиена е Снежана Т педесетгодишна жена од Кавадарци. Таа подолго време живеела во вонбрачна заедница со маж под ведро небо на периферијата во градот. Таму, во еден кош од неколку објекти на улицата Индустриска и денеска стојат старата дрвена маса на која има канче со кисело млеко, пепелник а донив душекот за спиење, стара инвалидска количка и уште неколку садови за домаќинство. Спроти импровизираниот дом има две соби во кои стојат неколку парчиња мебел и алишта.
Што точно се случило вчера напладне на ова место ќе треба да утврдат полицијата,јавниот обвинител и Институтот за судска медицина каде по наредба на обвинител е испратено телото на убиената жена. Првичните информации од прегледот на лекарот покажале дека на телото на Снежана има видливи знаци на насилство.
Според соседите од спротивната страна на улицата, убиената жена која била родена во селото Сирково живеела во вонбрачна заедница со маж од Кавадарци. Тие подолго време биле на локацијата каде се случило убиството. Тука им доаѓале гости од повеќе градови на државата. Тогаш имало бука од музика но и расправии. Соседите велат дека утрово слушнале за трагедијата. Тие се посомневаа дека Снежана можеби ја убил мажот со кој живеела.
Засега нема потврда од полицијата за тоа што точно се случило и кое е приведеното лице во полициската станица во Кавадарци за кое постоеле сомневања дека ја убило Снежана./Д.С
