Знаци на перцептивни потешкотии кај децата – Што навистина стои зад „не внимава“ и „не се труди“?

Објавено: 27 февруари, 2026, во 11:40 часот

Во мојата работа како специјален едукатор и рехабилитатор, многу често се среќавам со деца кои имаат желба да учат, кои се љубопитни, интелигентни и креативни, но сепак не успеваат да го покажат својот потенцијал во училишна средина. Родителите доаѓаат збунети. Наставниците се обидуваат да помогнат, но нешто не се вклопува. Детето знае усно да одговори, но не може да го напише. Дома чита подобро отколку на час. Понекогаш изгледа расеано, понекогаш бавно, а понекогаш премногу немирно. Во вакви ситуации, многу често зад тешкотиите стојат перцептивни потешкотии.

Што всушност значи перцепција?

Перцепцијата не е само гледање или слушање. Таа е процес во кој мозокот ги прима информациите од околината, ги организира и им дава значење. Кога овој процес не функционира оптимално, детето може да има тешкотии и покрај тоа што видот и слухот му се во ред, а интелектуалното функционирање е во рамки на очекуваното.

Во клиничката проценка често се користат инструменти, но искуството ме научи дека најважните сигнали се гледаат во секојдневната работа, во тетратката, во начинот на читање, во однесувањето на час.

Како изгледаат перцептивните потешкотии во реалноста?

1. Детето чита, но се губи во текстот

Еден од најчестите знаци е кога детето: прескокнува редови, се враќа назад додека чита, ги меша буквите б–д, п–т, м–н, чита бавно и несигурно.

Наставникот може да помисли дека не внимава. Родителот може да мисли дека не вежбал доволно. Но често станува збор за тешкотии во визуелна дискриминација или визуелна секвенцијалност. Детето едноставно има потешкотија да ја „организира“ визуелната информација.

2. Пишува неуредно и неорганизирано

Во тетратката гледаме букви со различна големина, зборови што бегаат од линијата, нерамномерни растојанија, огледално пишување. Ова не е прашање на труд. Често е прашање на визуо-моторна координација, усогласување на она што окото го гледа со движењето на раката.

3. Се снаоѓа усно, но не и писмено

Имам работено со ученици кои усно решаваат математички задачи без проблем, но кога треба да ги запишат ги редат броевите неправилно, ги мешаат колоните или го губат редоследот. Проблемот не е во разбирањето на математиката, туку во просторната организација на информацијата.

4. Брзо се заморува и избегнува задачи

Многу родители ми велат: „Штом треба да пишува, веднаш бара пауза.“„Се нервира кога треба да чита.“ Кога перцептивната обработка бара дополнителен напор, мозокот се заморува побрзо. Детето може да стане немирно, да одложува или да избегнува активности. Тоа не е мрзеливост. Тоа е замор од постојана борба со информацијата.

5. Има проблем со лево–десно и ориентација

Перцептивните потешкотии често се гледаат и преку мешање на лево и десно, тешкотии со горе–долу на лист, проблеми со следење патека, несигурност во нов простор. Овие деца понекогаш изгледаат дезорганизирано, но всушност нивниот мозок има потреба од повеќе структура.

6. Тешко издвојува важно од неважно

Кога текстот е визуелно густ, кога има многу информации на табла, детето може да се изгуби. Проблемот со фигура и позадина значи дека детето има тешкотии да ја издвојува главната информација од околниот шум.

Што е важно за родителите?

  • Да не ја толкуваат грешката како мрзеливост
  • Да побараат стручно мислење кога тешкотиите се повторуваат
  • Да создадат мирна и структурирана средина за учење
  • Да го пофалат трудот, не само резултатот

Што е важно за наставниците?

  • Да обезбедат визуелно поедноставени материјали
  • Да даваат јасни и кратки инструкции
  • Да дозволат повеќе време за пишување
  • Да користат визуелни помагала и структурирани листови
  • Да препознаат кога зад однесувањето стои тешкотија, а не непослушност

Мојата професионална порака е дека секое дете учи. Но не секое дете обработува информации на ист начин. Кога ќе ги препознаеме перцептивните потешкотии, престануваме да го обвинувавме детето и почнуваме да го поддржуваме. Во мојата пракса сум видел огромен напредок кај деца кај кои пристапот бил прилагоден. Кога ќе им дадеме структура, вежби, време и разбирање тие почнуваат да напредуваат, чекор по чекор.Перцептивните потешкотии не се ограничување. Тие се повик за поинаков, посензитивен пристап. И токму таму започнува вистинската поддршка.

Автор

Дејан Филиповски

 Специјален едукатор и рехабилитатор

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.