Во решенијата за загадувањето на езеро „Младост“ нови три предлог иницијативи како и вклучување на Центар за јавно здравје и Државен еколошки инспектор
Објавено: 19 февруари, 2026, во 09:37 часот
Се подготвува техничката документација за изведба на бушотините во корито на Отовичка река за да се обезбеди дотур на свежа вода во акумулацијата на езеро Младост се до коечната изградба на цевководот. Распишана е јавната набавка со која паралелно се спроведува и процедура за добивање согласност од Министерство за заштита на животна средина и просторно планирање, информираше Антоанета Стојанова претседателка на Комисија за следење на состојбата на езеро „Младост“ на седницата на Совет на Општина Велес. Информирајќи ги членовите на Советот таа додаде дека исчистени биле 460 метри и извадени количини на материјал од коритото на Отовичка река. Чистењето треба да продолжи и годинава како и во наредната 2027 година за да се обезбеди пропустност на вода кон езерото. Според Стојанова во тек е подготовка на техничка документација за санирање на испустот и вентилот на браната на езерото. За оваа активност од повеќето со кои се прават обиди за спас на велешко езеро, се подготвуваат техничка спецификациа и тендерска документација а ќе следи и објава на јавен оглас за избор на изведувач. Во тек е и спроведувањето на постапката за изведба на крак од доведен цевковод за дотур на свежа вода од акумулација „Лисиче “ кон езеро „Младост“.

-Исчистен е брегот на езеро Младост од Отовички залив до скоро Отовичка плажа, на источната страна како и од пред прва плажа до скоро бродот. Со овој вид на чистење ќе биде опфатена и последната третина од брегот на езерото од бродот до браната. Сите активности треба да се изведуваат паралелно, значи нема по приоритетни или помалку приоритетни, одговори денеска на новинарското прашање на Дума.мк Антоанета Стојанова. Таа е вработена во ЈП „Лисиче“ и воедно е претседател на Комисија за следење на состојбата на водите во акумулација езеро „Младост“.
Стојановска, на седницата на Совет на општина Велес ги соопшти и трите предлог – иницијативи за престојниот период поточно побара да се направи увид за да се утврди техничката исправност и функционирањето на „Мал колектор“, кој што е дел од Колекторски систем на езерото, да се дислоцира дел од колекторот за фекална канализација од околните села кој поминува пред мотелот и хотелот од каде доаѓа до прелевање на фекален отпад и негово влевање во езерото како и да се продолжи со чистење на Отовочка река. Исто така комисијата предложи во нејзината работа да се вклучат уште претставник на Центар за јавно здравје Велес и овластениот Државен инспектор за заштита на животна средина бидејќи Општина Велес нема вработено општински инспектор за заштита на животна средина.
Убавка Јаневска


