Засега,Општина Велес за зимско одржување на патишта и улици склучила договори вредни 2,5 милиони денари и набавила сол за 279 илјади денари
Зимава, ЈП „Македонија пат“ со фирмите „Делта пром“ и „Изгрев Инжинеринг“ ги чистат велешките сообраќајници, пешачки патеки и тротоари од снег. Општината, исто така, купила и сол во вреќи од Друштво за производство,трговија и услуги ЕКТА-Т ДООЕЛ Струмица за потребите од одржување на проодноста на улиците, патеките и тротоарите. Ова го покажа истражувањето на Центар за граѓански комуникации за трошоците за зимско одржување на патиштата во земјава.
Според ова истражување, Оштина Велес во преговарање без оглас, на 25 декември 2024 година, склучила Договор со ЈП „Македонија пат“ за сума од 1,5 милиони денари или нешто над 24 илјади евра.
За разлика од договорот со државното претпријатие кое колку пари проценило толку и добило, општината не ја прифатила проценетата вредност за одржување на проодноста на патишта, сообраќајници, пешачките патеки со механизација како и за другите потребни работни зафати. Со фирмите „Делта пром“ и „Изгрев Инжинеринг“, во поедноставена отворена постапка, на 21 ноември, минатата година, склучен е Договор за 1 милиони денари поточно 16 илјади 260 денари наместо проценетите 2,5 милиони денари или 40 илјади 650 евра.
Во набавка од мала вредност исто така купена од страна на Општина Велес, лани, на 16 декември, е и сол за патишта, пакувана во вреќи, за сума од 279.660 денари или 4 илјади 547 евра од Друштво за производство,трговија и услуги „ЕКТА-Т“ ДООЕЛ Струмица.
Исто така, резултатите на истражувањето на ЦГК меѓу другото покажаа дека ЈП за одржување на патиштата сè уште нема склучено договор со фирма за зимско одржување на патиштата низ земјава, речиси и да нема конкуренција на тендерите за зимско одржување на кои просечно има по 1,4 понуди по тендер, а на 71 % од тендерите имало само по една понуда, со најголема вредност од 1,3 милиони евра годишно е тендерот за индустриска сол на ЈП за одржување на патиштата и дека вкупната сума од 3,5 милиони евра за одржување на патишта,на државно ниво, допрва ќе расте бидејќи уште 13 тендери се во тек, објави Центар за граѓански комуникации
Убавка Јаневска