Земјоделците од Росоман со бесплатен превоз, ќе го посетат најголемиот Саем во Солун, го плаќа општината
Објавено: 24 февруари, 2026, во 10:04 часот
Дваесет и пет лозари и овоштари од Росоман веќе искажале интерес за посета на најголемиот Саем за земјоделци во регионот „Agrotica Expo“, кој што се одржува во Солун наредниот месец. Општината ги поттикна со тоа што им го плаќа превозот. Очекува да се пријават и сточарите.
– На територијата на општина Росоман има и 10 сточари кои одгледуваат околу 3.000 крави и овци. Добро би било да се пријават а освен нив очекуваме интерес и од градинарите. За 50 до 70 заинтересирани земјоделци општината ќе го плати превозот, организиран на 14 март, за посета на овој саем со цел да овозможи да се видат напредни технологии, вештачка интелигенција во сточарството, разни видови алатки и опрема што можат да ги применат нашите земјоделци, рече за Дума.мк градоначалникот Ѓорѓи Крстевски.

Пријавувањето на заинтересираните земјоделци ќе трае до 9 март, годинава на мобилниот телефонски број 071 414 646 или со доаѓање во просториите на Општина Росоман. Освен на овој земјоделците бесплатно ќе можат да посетат и други земјоделски саеми во регионот.
Убавка Јаневска


