МААВЗК на годишно изборно собрание им даде нов мандат на раководните лица и органи, новитет е што новата велосипедска сезона стана натпреварувачка

Објавено: 20 февруари, 2026, во 11:02 часот

Македонска Асоцијација на Аматерски Велосипедски Здруженија и Клубови (МААВЗК) вчера, во Велес, одржа годишно собрание на кое досегашниот претседател Зоран Јаневски доби нов двегодишен мандат. Нов мандат од две години добија и секретарот Живко Гурев од „Тиквешки Точакџии„ – Кавадарци, како и потпретседателите Горанче Богоевски од  „Macedonian bike riders“ – Скопје и Даниел Гарбески од „Вело Че“ – Прилеп, како и сите членови на Управниот и на Надзорниот одбор.

На ова Годишно собрание беше утврден и новиот календар на велосипедски настани за 2026 година. Станува збор за вкупно 26 велосипедски настани и оутдоор фестивали  организирани од членките на Асоцијацијата.

Годинава, за прв пат, Асоцијацијата организира натпреварувачки дел поточно отвара Натпреварувачка сезона 2026 во рамките на Асоцијацијата како можност за афирмација на голем број на велосипедисти кои имаат потенцијал за врвни достигнувања.

„Со воведување натпреварувачки систем во рамките на Асоцијацијата, секој вело настан очекуваме да привлече големо внимание како во велосипедската заедница во Македонија така и во регионот“, рече Зоран Јаневски претседател на МААВЗК.

Според Календарот за велосипедски настани за 2026 година сезоната започнува на 22 март во Штип и завршува на 1 ноември во Валандово. Во наредниот период се планира формирање на повеќе комисии и работни групи кои со својата волонтерска ангажираност и посветеност ќе формираат систем по кој ќе се водат сите натпреварувачки настани.

Македонска Асоцијација на Аматерски Велосипедски Здруженија и Клубови (МААВЗК) брои 26 велосипедски здруженија или клубови кои пак опфаќаат преку 800 активни членови велосипедисти.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.