ЦГК: Регистарот на вистински сопственици открива градоначалници и министри со сопствеништва во фирми не пријавени во изјавите за интереси

Објавено на 29 мај, 2025 во 09:39

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Здружението на даночни советници и Активо го објавија „Истражувањето за откривање евентуални судири на интереси и злоупотреба на моќ при јавните набавки кај политички експонираните лица“ кое меѓу другот покажа дека преку Регистарот на вистински сопственици се откриени сопствеништва во фирми на политички експонирани лица (градоначалници и министри), кои не им се пријавени во изјавите за интереси доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Истражувањето покажа дека 41 од анализираните 360 поранешни и сегашни функционери, се јавуваат како вистински сопственици во некоја фирма, а 23 од овие функционери целосно или делумно ги сокриле своите удели во фирми кога доставувале изјава за интереси до ДКСК.

„Разликите во податоците за бизнис-интересите на функционерите укажуваат на отсуство на соодветна проверка и верификација на точноста на податоците и во Регистарот на вистински сопственици, и во изјавите за интереси што избраните и именуваните лица ги доставуваат до ДКСК. Фирми во сопственост на градоначалници и поранешни министри добивале договори за јавни набавки, концесии и лиценци доделени од државни институции. На граѓаните, новинарите и граѓанските организации им е оневозможено активно да учествуваат во откривање на евентуални судири на интереси и злоупотреба на моќ од страна на носителите на функции. Регистарот на вистински сопственици не е јавно отворен и за информациите во него се плаќа, а податоците за бизнис-интересите на функционерите во јавно достапниот електронски систем на ДКСК се нецелосни. Во изјавите за интереси до ДКСК функционерите пријавуваат податоци само за најтесното семејство со кое живеат под ист покрив, а изјавите доставени до ДКСК до крајот на 2023 година ги има само во хартија и не се достапни на специјализираниот веб-портал, итн.“ покажа истражувањето.

Од ЦГК додаваат дека во услови кога за информациите за сопствеништво треба да се плати, а изјавите за интереси во голем број случаи не се сеопфатни и точни, се олеснува криењето на сопствениците на фирмите, наместо јавно поврзување и објавување на фирмите кои добиле тендери и концесии со нивните сопственици.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.