Фактор: Кој е уапсениот офталмолог Дејан Ставриќ?
Објавено: 7 мај, 2014, во 07:11 часот
Еден од најгласните во лекарската фела – вака колегите го опишуваат офталмологот Дејан Ставриќ, кој беше уапсен под обвинение за корупција. Јавноста го запозна како лидер на Независниот синдикат на Клиничкиот центар на крајот од 2о12 година, кога го организираше протестот против една од клучните здравствени реформи „Плаќање по учинок“, јави Фактор.
За време на протестите, Ставриќ влезе во директен конфликт со министерот за здравство Никола Тодоров.
„Министерот одбра да го игнорира штрајкот на срцето на македонското здравство и значаен дел на интелектуалната елита на Македонија, министерот кој си дозволува да го ризикува здравјето на граѓаните, а во исто време истиот министер кој не нè гледа ни се закануваше јавно, ги злоупотреби институциите на системот, се со цел да се задуши и скрши овој апсолутно легитимен штрајк. Јавноста сама треба да суди на кого му е доверено здравјето на граѓаните и осигурениците. Нам ни е јасно кој и каков човек е во прашање и затоа од денес не бараме и не сакаме преговори со него“, изјави тогаш Ставриќ.

Незадоволните лекари не успеаја да го соборат проектот „Плаќање по учинок“, но успеаја да извршат влијание врз начинот на негово спроведување.
Тодоров најавуваше казни за штрајкувачите, а дел од лекарите се изјаснија дека ако ваквите закани се остварат тие веднаш ќе си поднесат откази. Протестите траеја 52 дена, а беа пресретнати и со контрапротест пред Министерството за здравство на лекари кои го поддржуваа плаќањето по учинок.
Пред неколку месеци Ставриќ ја напушти службата во јавното здравство и премина да работи во приватна клиника. Тој продолжи отворено да зборува за состојбите и во здравството генерално и во Синдикатот по неговото заминување од лидерската позиција. Во повеќе интервјуа тврдеше дека „власта сака да направи упад во синдикалната организација и да си постави свој човек за претседател“.
МВР се уште официјално не го потврдува идентитетот на уапсениот лекар, но ги објавија неговите иницијали.

