Поповски: Август го испраќаме со значително пониски температури на воздухот!
Објавено: 31 август, 2025, во 08:38 часот
Во текот на денешниот ден, недела, 31 август, во Македонија ќе имаме постепена стабилизација на времето и намалување на облачноста. Сепак, ќе биде значително посвежо за разлика од изминатите денови поради продорот на значително посвежа воздушна маса од север. Се ова ќе биде проследено со умерен, повремено засилен ветер од западен и од северозападен правец, соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
„Во Скопје и околината исто така следува стабилизирање на времето и намалување на облачноста. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец.
Што се однесува до температурите, тие денес ќе се искачуваат во интервалот од 23 до 31 степен, а во Скопје и околината максималната дневна температура денес ќе се искачи до околу 28 степени.
Утрешното утро, понеделник, 1 септември, ќе биде ведро и значително посвежо насекаде во нашата Македонија и со минимални температури кои ќе се спуштаат во интервалот од 7 до 18 степени, додека на високите и планинските места температурите би можеле да бидат и уште пониски. Во Скопје и околината наутро температурата ќе се спушти до околу 15 степени.
Да напоменам дека од утре, понеделник, започнува и климатолошката есен, додаде Поповски.
Според неговото следење на временската состојба, вчера, сабота, 30 август, во попладневните и во вечерните часови, како и во текот на изминатата ноќ до денеска наутрово Македонија беше под влијание на влажна и на нестабилна воздушна маса од запад, и истата беше поврзана со циклонска активност која се формираше над Џенова. Токму ова услови поголема дестабилизација на времето кај нас, обилни врнежи на повеќе места, силен ветер од југозападен правец кој направи бројни проблеми на повеќе места кај нас, а особено во Скопје.
“Локално атмосферските процеси беа поинтензивни и во форма на силно невреме. Во изминатите 24 часа, до 8 часот утринава, најмногу дожд наврна во Охрид и во Лазарополе, и тоа 18 литри на метар квадратен дожд. Најсвежо пак утрово беше во Лазарополе и на Попова Шапка со измерени 8 степени.

На табелата можете да ги видите денешните минимални температури измерени во Македонија до 8 часот утринава, како и наврнатото количество на воден талог во изминатите 24 часа, исто така до 8 часот утринава по градови и места на мерните станици на УХМР,“ додаде Поповски.
Дума.мк

