Едно приведување на двајца мажи за дрога и пријава за физички напад над возрасен маж во Кавадарци
Во два наврати, во текот на вчерашниот ден, поточно во 12:30 и во 17: 40 часот полициски службеници за недозволена трговија со дрога и оружје на ОВР Кавадарци ги лишиле од слобода Г.Ц.(36) и М.М.(35), двајцата од Кавадарци.
При преглед кај Г.Ц., на излез од домот на М.М., била пронајдена кафеава прашкаста материја, а при претрес во домот на М.М., извршен со судска наредба, биле пронајдени кафеава прашкаста материја, екстази, бела грутчеста материја и предмети со остатоци од кафеава прашкаста материја.
„Во координација со јавен обвинител, предметите биле одземени, лицата се приведени во полициска станица Кавадарци и по документирање на настанот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави,“ соопшти портпаролката на Сектор за внатрешни работи Велес, Биљана Ѓаковска .
Ѓаковска информираше и за еден физички напад којшто се случил во текот на вчерашниот ден, во 10:30 часот кога во ОВР Кавадарци, М.Ј.(64) од Кавадарци пријавил дека во угостителски објект во градот физички бил нападнат од сограѓанинот В.С.(55). Потпаролката, исто така, информираше дека обавен бил службен разговор во полициска станица и биле преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок.
Убавка Јаневска