Каратистката Данка Стојкова е најдобриот спортист за 2025-та во Кавадарци

Објавено: 5 март, 2026, во 10:39 часот

Каратистката на КК „Сан Саи Метал Апостолов“, Данка Стојкова е прогласена за спортистка на 2025 година а за најдобар млад спортист Никола Петров од Џудо клуб „Кожувчанка“. На спортската манифестација беа доделени бројни награди на  спортисти, спортски работници и спортски клубови кои со постигнатите резултати оставија белег во спортскиот живот во Кавадарци.

Така, за најдобар колектив е прогласен Центар за боречки вештини „Будо“, за најдобар тренер Мартин Димитриовски од Центар за боречки вештини „Будо“ и за најдобар спортски работник Дарко Цеков од ГК „Тиквеш Голден ИГЛ“.

Традиционалната манифестација за прогласување на најуспешните спортисти за 2025 година се одржа во Дом на културата „Иван Мазов Климе“ и во присуство на претседателот на Совет на општина Кавадарци, претставници на Сојузот на спортови, на Министерството за спорт, спортските клубови од Општина Кавадарци, спортисти, тренери и бројни љубители и поддржувачи на спортот.

-Кавадарци отсекогаш важел за расадник на спортски таленти. Во изминатите години, локалната самоуправа предводена од градоначалникот Митко Јанчев и Советот на Општината посветено работи на унапредување на условите за развој на спортот, вложувајќи во инфраструктура и поддршка за сите дисциплини што бележат континуиран напредок. Спортот не е само натпреварување – тој е темел за здрав психофизички развој и дисциплина особено кај младите. Искрени честитки до сите наградени спортисти, нивните тренери и клубови за постигнатите резултати, освоените признанија и за достојното претставување на нашиот град, соопшти градоначалникот Митко Јанчев. И тој е меѓу годинешните добитници на признанија поточно на Плакета за исклучителна поддршка, доверба и придонес во развојот и унапредувањето на спортот во Кавадарци.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.