Со хеликоптер на МВР пренесен пациент на лекување во Виена
За првпат во историјата, со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР беше транспортирано лице – пациент од Скопје до Виена, Австрија.
Заменик-минестерот за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев изјави дека оваа хумана мисија го потенцира значењето на интеграцијата на модерните технологии и ресурси во спасувачките и медицинските операции.
-Оваа наша хумана мисија не само што ја демонстрира кооперативноста на министерствата за внатрешни работи и за здравство кон подобрување на услугите за граѓаните, туку и го потенцира значењето на интеграцијата на модерните технологии и ресурси во спасувачките и медицинските операции, рече Бојмацалиев и додаде дека употребата на медикоптерот претставува значаен напредок во националната способност да се пружи итна медицинска помош.
Бојмацалиев се заблагодари на Владата на Словенија која обезбедила дел од медицинската опрема.
Од страна на директорот на ГОБ „8ми Септември”, д-р Христијан Костов, е истакнато дека во најкраток временски период се докажа подготвеноста и кооперативноста на МВР и МЗ, со цел подобрување на услугите за граѓаните преку обезбедување на медицинска помош на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
– После интензивни договори, болницата набави и вгради најсовремена медицинска опрема за интензивна нега на пациенти во медикоптерот за итен медицински транспорт. Заедно со Министерството за внатрешни работи ја утврдивме медицинската и безбедносната маршута на движење на медикоптерот, со цел безбедно пристигнување на нашиот пациент во придружба на искусен медицински тим за интензивно лекување до Клиниката во Виена. Пред се’ како здравствено лице и како директор на ГОБ 8ми Септември, упатувам честитки до сите тимови вклучени во проектот за темелната подготовка и соработката помеѓу МВР и медицинскиот персонал од нашата болница, со што уште еднаш потврдуваме и ги засилуваме нашите капацитети како држава за брза реакција во итни медицински случаи, истакна директорот Костов.
Дума.мк