Минатата година рибите во река Тополка, кај Велес, не угинале од отровни супстанци и тешки метали, констатирала научната фела
Објавено: 2 март, 2026, во 14:32 часот
Немало докази за акутно труење на животинскиот свет во река Тополка, минатата година, на 16 јуни, со најчесто употребуваните материи како што се пестициди, хемикалии и тешки метали.
Како што дознава Дума.мк, масовниот помор на риби, што минатата година се случи во реката, пред велешката населба Превалец, можело да се должи на присуство на висока концентрација на амоњак во водата кој предизвикал недостаток на кислород како последица на голема концентрација на органско загадување наталожено на дното на речното корито. Тоа можеби се прелеало на површинскиот слој на водите на Тополка а не биле отфрлени и неповолните временски услови, како обилни врнежи, кои ги кренале големите количини на органски отпад од дното – на површинскиот дел на водата во реката.
Вештите лица на Факултетот за ветеринарна медицина констатирале дека големиот помор не може да се поврзе со присуството на пестициди, индустриски хемикалии или тешки метали. За ваква причина на помор на рибите немало докази.

На прашањето на Дума.мк дали рибите угинале од недостаток можеби на кислород и се повторува ли состојбата како со водите во езеро „Младост“ така и со водите во река Тополка, денеска, конкретно не одговорија од Основното јавно обвинителство во Велес. Оттаму само потврдија дека стигнати се резултати од вештачењето на Факултетот за ветеринарна медицина кои се предмет на подготовка на Решение од страна на јавен обвинител. Исто така додадоа дека решението деновиве ќе било јавно објавено.
На 19 јуни 2025 година во реката Тополка, крај Велес, се случи масовен помор во кој што изумреа сите риби во речното корито. Тогаш јавноста беше револтирана и се сомневаше дека во водите на реката испуштени се отровни материи и хемикалии. Беше земен и примерок за испитување. По осум месеци од еколошката катастрофа се најавува дека конечно ќе биде соопштено Решение, поточно документ, кој треба да ги понуди причините за еколошката катастрофа што и се случи на реката подготено од научната фела. Какво, јавноста ќе дознае деновиве.
Убавка Јаневска


